„Дојди на хакатон не за да победиш, туку за да видиш дека и другите не знаат сè“ – Интервју со Александар Колов – Инжинер, Супертим Балкан , Солана Експерт

Home » News » „Дојди на хакатон не за да победиш, туку за да видиш дека и другите не знаат сè“ – Интервју со Александар Колов – Инжинер, Супертим Балкан , Солана Експерт

Наш соговорник е АЛЕКСАНДАР КОЛОВ – еден од ретките веб3 експерти во Македонија чив фокус останува на развојот и имплементацијата на Блокчеин технологијата. , претставник и лидер на Супертим Балкан за Македонија. Александар е докажан професионалец во Web3 индустријата, посветен на мапирање и поддршка на македонските технолошки таленти. Преку својата улога во Superteam, тој активно работи на поврзување на локалните девелопери, претприемачи и креативци со глобалниот Solana екосистем, овозможувајќи им пристап до менторство, грантови и капитал.Чест  гостин на обуки, Хакатони што како ментор, судија а и предавач. Уште на првото запознавање децидно се огради од трејдингот и криптото како фокус за брза заработка.

1. Од каде произлегува дистанцата од трејдингот? Дали злоупотребата на криптото доведе до генерализација на токените како измама?

Дистанцата е сосема природна кога ќе го согледаш контекстот одблиску. Градам на Solana веќе неколку години, и кога технологијата ти е примарен фокус, трејдингот почнува да изгледа многу гласно и прилично плитко. Не дека е лош сам по себе, туку едноставно го доминира наративот и го фрла во сенка она што е навистина интересно.

Проблемот е поконкретен: цикличните пазари секојпат ги привлекуваат истите профили на луѓе. Во 2021 година имавме NFT проекти кои продаваа „магла” без никаква употребна вредност. Имавме мем-коини кои траеја едвај три недели. Луѓе влегуваа со своите животни заштеди и излегуваа со празни раце. Медиумите, сосема оправдано, го покриваа токму тоа. Последицата е што терминот „блокчејн” во очите на пошироката јавност стана синоним за тие приказни.

Она што јас се обидувам да го направам е да поставам поинаква рамка: криптографската транспарентност, јавниот регистар, неменливоста на податоците, тоа се алатки за решавање на реални проблеми. На хакатонот во Мај, еден тим изгради систем против СМС-измами со сообраќајни казни. Друг тим направи медицинска картичка со QR код за итни случаи. Трет креираше платформа што ги поврзува македонските занаетчии со светот. Тоа не е трејдинг. Тоа е инфраструктура.

Генерализацијата е разбирлива, но е погрешна. Дел од мојата работа е токму да ја коригирам таа перцепција, проект по проект.

2. Како би ја оцениле Web3/блокчејн заедницата во Македонија и регионот?

Искрено? Многу подобра отколку што очекував.

Хакатонот Blockchain Skopje во BASE42 во Мај траеше три дена, со 14 проекти. Не зборуваме за теоретски предлози, туку за функционални демо-верзии. Луѓе кои претходно немаа допирна точка со блокчејн, за само 40 часа изградија системи кои навистина работат. Тоа не е случајност, туку доказ за заедница која веќе ги има цврстите основи.

На регионално ниво, Superteam Balkan брои над 1.500 членови, со над 200 настани и повеќе од 300.000 долари поделени во грантови низ Балканот. Како претставник за Македонија, во април го организирав Hackathon Kickoff настанот на УИСТ во Охрид, а во мај имавме Blockchain Skopje и Bitcoin Pizza Day во Скопје во партнерство со Superteam. Постои реален, жив екосистем, а не само група ентузијасти на Telegram.

Разликата во регионот лежи во зрелоста на сцената. Некои балкански земји имаат повозрасни заедници, но Македонија неверојатно брзо прескокнува фази. Студентите кои учествуваа на настанот во Охрид и хакатонот во Скопје, веќе активно пишуваат апликации за Solana грантови. Тоа пред само две години беше незамисливо.

3. Што ги мотивира младите девелопери да влезат во блокчејн сферата?

Различни работи за различни луѓе, но еден образец постојано се повторува: фрустрацијата кога програмираш за некој друг.

Класичниот Web2 пат изгледа вака: учиш JavaScript, наоѓаш работа, градиш функционалности за SaaS продукт кој можеби и не го разбираш целосно, и земаш плата. Тоа е добар живот, но ти недостига авторство. Блокчејнот, од друга страна, нуди огромни можности за да почнеш да работиш на твој проект. Кодот што ќе го деплоираш живее на јавна мрежа. Никој не може да го изгаси или да ти го одземе.

За некои мотивот е финансиски, и тоа е искрен одговор. За други е идеолошки, децентрализација и суверенитет над сопствените податоци. Но, за оние кои мене ми се најинтересни, мотивот е решавање на конкретен проблем. На пример, на хакатонот, тимот зад SafeChain изгради систем за верификација на сообраќајни казни затоа што нивни член добил лажна СМС порака и изгубил пари. Тие не бараа пари за гола идеја; тие решија проблем кој лично го искусиле.

Тоа е квалитативно поинаков начин на влез во технологијата.

4. Дали постои бариера за премин од Web2 кон Web3?

Постојат неколку, но најголемата воопшто не е техничка.

Техничкиот дел лесно се совладува. Solana има извонредна документација, има еден куп туторијали и настани. После воведното предавање „Solana + AI: Zero to Deployed” пред хакатонот во Скопје, луѓе кои во животот немаа напишано ниту линија Rust или TypeScript за блокчејн, за само еден викенд сфатија доволно за да можат да продолжат самостојно. Тоа е конкретно и мерливо.

Вистинската бариера е перцепцијата. Девелоперите со Web2 искуство често мислат дека треба да знаат апсолутно сè пред воопшто да почнат. Мислат дека мрежата е многу посложена отколку што навистина е, или дека ако направат една грешка, веднаш ќе изгубат пари. Дел од тоа е вистина, но голем дел е само мит.

Постои и структурна бариера: формалното образование сè уште заостанува. Во Македонија нема факултетски предмет за блокчејн кој е ажуриран со моменталната состојба во индустријата. Тоа значи дека луѓето мораат да учат сами, а самостојното учење бара храброст, бара да не ти е срам да прашаш кога не знаеш. А тоа не му доаѓа природно секому.

Мојот совет е наједноставен можен: дојди на хакатон. Не за да победиш, туку за да видиш дека и другите не знаат сè, а сепак градат одлични работи.

5. Што можете да споделите за Superteam Balkan што не може да се најде во медиумите?

Superteam не е само обична организација. Тоа е цела рамка за директна распределба на доверба и капитал кон луѓето што реално градат.

Она што не се гледа во медиумите е самиот механизам. Кога некој ќе дојде со идеја, Superteam не глуми судија кој одлучува дали е добра или лоша. Напротив, го поврзува тој човек со луѓе кои имаат искуство со слични концепти, со грантови кои веќе се достапни и со ментори кои точно знаат каде да се обратат. Ова е драстично различно од класичен инкубатор кој ти зема процент од компанијата и ти кажува што да правиш.

Грантовите функционираат на повеќе нивоа. Superteam Balkan веќе дистрибуираше над 300.000 долари во регионот. Постојат и директни грантови преку Solana Foundation за специфични категории. Јас лично сум фокусиран на грантови со буџет од 10.000 USDC наменет за студентски тимови. Тоа се средства кои одат директно кај студентите кои градат, без никакви посредници и без барање сопственички дел.

Дополнително, Superteam е мрежа за интеграција. Ако некој од Македонија сака да аплицира на глобален Solana хакатон, јас можам директно да го поврзам со луѓе кои веќе успешно го поминале тој процес. Тоа можеби не е видливо на хартија, но има огромна реална вредност.

6. Дали постои конкретен образец за премин од сурова идеја до функционален проект?

Постои, и е многу поедноставен отколку што луѓето мислат.

„Фаза нула” е прецизна формулација на проблемот. Не смееш да тргнеш со ставот: „сакам да направам блокчејн апликација”. Наместо тоа, треба да кажеш: „постои овој конкретен проблем во реалноста, за кој моментално нема добро решение, а блокчејнот може да го реши поради X конкретна причина”. Повеќето неуспешни хакатонски проекти завршуваат токму тука, идејата звучи интересно, но проблемот што го решаваат е нејасен.

Кога проблемот е кристално јасен, техничките одлуки стануваат очигледни. Ако градиш систем за итни медицински записи, веднаш знаеш дека мораш да размислуваш за офлајн достапност, за QR кодови и за фактот дека докторот во брза помош нема време ниту луксуз да инсталира нови апликации. Проблемот ти ја диктира архитектурата. Тимот на MediChain одлично го сфати ова на хакатонот.

Следниот чекор е брза верификација пред да вложиш сериозен труд. Правиш минимално демо кое докажува дека технологијата може да го реши оној конкретен дел кој е најнеизвесен. Не го градиш целиот производ, туку само критичниот дел.

Дури потоа доаѓаат грантовите, инкубаторите и скалирањето. Без овие рани фази, ниту еден грант на светот нема да ти помогне.

7. Кои дополнителни мотиватори ги поттикнуваат младите да преминат од теорија во практика?

Наградите на хакатоните се одлична влезна точка, но самите по себе не се одржливи. Луѓето кои градат исклучиво за да победат, обично престануваат да работат веднаш штом ќе заврши хакатонот.

Она што навистина функционира на долги стази се видливоста и идентитетот. Кога твојот код е јавен на мрежата, кога секој може да го потврди преку Solana Explorer дека работи или да го провери твојот паметен договор, тоа станува нешто конкретно. Нешто што можеш да го ставиш во CV, да го споделиш на LinkedIn и со кое докажуваш реална стручност.

Superteam нуди уште еден клучен елемент: континуирана мрежа за поддршка на основачи. Кога некој од тимовите од хакатонот, ќе одлучи дека сака да го претвори својот прототип од хакатонот во реален стартап, не мора да измислува топла вода. Не се оставени сами на себе. Преку Superteam добиваат пристап до ресурси за развој, насоки за понатамошни грантови и, што е можеби највредно, директна линија за комуникација со луѓе во екосистемот кои веќе успешно го изоделе тој пат.

Третиот мотиватор е чисто финансиски. Но, не зборувам за шпекулација со криптовалути, туку за грантови кои го финансираат реалниот труд. Грант од 10.000 USDC за еден студентски тим покрива шест месеци сериозен развој. За луѓе во раните дваесетти години, тоа е трансформативно.

8. Можете ли да споделите приказни за локални проекти кои решаваат реални проблеми?

На хакатонот во BASE42 имавме 14 проекти, и буквално секој ден низ менторството учев по нешто ново за тоа кои проблеми навистина ги болат луѓето во Македонија.

  • SafeChain: Директен одговор на епидемијата од лажни СМС-измами кај нас. Сообраќајните казни се издаваат како шифрирани NFT-иња, само ти како сопственик можеш да ги видиш и безбедно да ги платиш.
  • BTS (Better Tomorrow Starts): Транспарентен систем за следење на залихите на лекови за хронични болести, дизајниран да стави крај на нивното мистериозно „исчезнување” низ здравствените лавиринти.
  • Contra (New Objects): Платформа која носи сурова транспарентност во владините тендери на Балканот, вклучувајќи и систем за финансиско наградување на истражувачкото новинарство.
  • Riznica (Solvix): Дигитален мост помеѓу македонските занаетчии и светот. Користи NFT-иња за да ја гарантира и потврди автентичноста на нашите традиционални производи.
  • Pola (W Chain): Иднината на дигиталните плаќања. На фронтендот, корисникот гледа и оперира со денари (за да се чувствува комотно), додека во позадина сè се порамнува преку USDC на Solana мрежата.
  • MediChain (Chain Breakers): Инстантен, животоспасувачки пристап до податоци за крвна група и алергии во итни ситуации, спакуван во обична физичка картичка со QR код.
  • Fair Pass: Систем кој става крај на црниот пазар, тапкарошите и нефер препродажбата на карти за настани (како концертот на David Guetta) преку користење на паметни, програмабилни билети.
  • Votechain (Fanatic): Децентрализиран систем за гласање со Face ID идентификација, наменет за целосно елиминирање на двојното гласање и изборните манипулации.
  • Media Authenticity System: Нешто како „Shazam за слики”, користи блокчејн за сузбивање на deepfake содржини и лажни вести.
  • Wire Guard (ReputationX): Алатка за проверка на доверливоста и репутацијата на крипто-паричниците, како превенција од дигитални измами.
  • Smart Contract Freelance (Purple Lizards): Платформа за слободњаци (freelancers) каде вештачка интелигенција во улога на арбитер проверува дали задачата е реално завршена пред да се ослободат средствата од паметниот договор.

И секако, тука беа проектите како Sol42, GirlChain и Dvajca, кои дополнително ја збогатија различноста и покажаа извонредна техничка зрелост.

Сите проекти се со реален горлив проблем, и сите добија работен прототип за само 40 часа.

9. Зошто баш Solana и зошто Superteam Balkan?

Ова прашање го добивам постојано, а одговорот е пред сè практичен, па дури потоа идеолошки.

Solana е супер брза и неверојатно евтина. Една трансакција чини помалку од цент, а финализацијата се случува за секунда. Кога развивам сопствени решенија, како на пример овие параметри ми се апсолутно критични. Апликација која бара од корисникот да чека 30 секунди за потврда едноставно нема да има корисници. Апликација каде трансакцијата чини 5 долари нема да најде корисници во Македонија.

Понатаму, Solana Foundation нуди директни грантови токму преку Superteam. Тоа не е само празен маркетиншки слоган. Тоа се реални пари кои студентите ги добиваат за да градат, а не за да бубаат теорија.

Зошто специфично Superteam Balkan? Затоа што пристапот е регионален, а не глобален. Разликите во контекстот меѓу Македонија и Силиконската долина се огромни, а Superteam Balkan одлично ги разбира тие нијанси. Настаните се водат на јазик кој луѓето го разбираат, менторите точно ги знаат локалните пречки, а грантовите се целосно приспособени на нашиот локален екосистем.

10. Како ја гледате иднината на регионалната Web3 сцена?

Балканот има неколку многу конкретни предности кои глобалната сцена сè уште не ги согледува доволно јасно.

Имаме евтин, а висококвалификуван инженерски кадар во споредба со Западна Европа. Имаме заедници кои се доволно мали за да бидат тесно поврзани и кохезивни, а истовремено доволно амбициозни за да целат кон глобалниот пазар. Се соочуваме со реални проблеми, корупција, неефикасна бирократија, непроверлива автентичност на производи, кои блокчејн технологијата може да ги адресира со многу поголем импакт отколку во земјите со веќе беспрекорно функционални институции.

Ако треба да издвојам еден сектор со најголем потенцијал, би ги потенцирал RWA (Real World Assets) и DePIN (Decentralized Physical Infrastructure). Токенизацијата на недвижнини, на традиционални производи и на физичка инфраструктура е простор каде нашиот регион може да понуди конкретни решенија, наместо само слепо да ги следи глобалните трендови.

Мојот финален совет за сите што ги читаат крипто вестите, а не знаат од каде да почнат: појавете се на настан. Немојте да читате уште еден туторијал. Дојдете на хакатон, на работилница, на Bitcoin Pizza Dat, каде било каде што се собираат луѓе кои реално градат. Разликата помеѓу оној кој само „учи за блокчејн” и оној кој „гради на блокчејн” не е во знаењето, туку во конкретната одлука да почнеш да правиш нешто. Па макар било мало и несовршено. Тоа чувство и тоа искуство не можеш да ги добиеш скролајќи на Twitter; можеш да ги добиеш само во живо, на настан.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Best Exchanges

Платформата поддржува над 350 криптовалути и токени за тргување, со повеќе од 1.200 различни трговски парови.

над 50 милиони регистрирани корисници ширум светот

Платформата брои над 8 милиони корисници ширум Европа.

Crypto.com има над 100 милиони регистрирани корисници ширум светот.

Oпслужуваат стотици илјади активни клиенти во над 150 земји.