Синдромот Хачико: Чекање спасител на погрешен перон
35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ. Триесет и пет години откако со пенкало во рака решивме дека сме свои на своето, реалноста наликува на бескрајна сцена од јапонската приказна за кучето Хачико. Секој Осми септември достоинствено застануваме на перонот, загледани во далечината, чекајќи некој конечно да нè „ослободи“. Да нè спаси или барем да ни го донесе на готово европскиот сон. Проблемот е само што пругата е одамна ‘рѓосана, а возот за вистински развој воопшто нема предвидено стоење на нашата станица.
Низ целата историја најмногу не бидуваше во чекање. Некогаш чекавме Големите сили да пресечат. Подоцна сојузи да не разберат, а денес Брисел да ни го исчисти сопствениот двор. За тоа време, домашната политичка елита од сите бои и провиненции три и пол децении ни подготвува ист рецепт. Изборите секогаш почнуваат со огномет, еуфорични ветувања и национален занес, за веќе утрото по гласањето да ни сервираат студен оброк од сурово разочарување. Се менуваат гарнитурите, но апетитот за фотелји останува ист.
Експерти на мрежи, анархисти на паркинг: Нашето вистинско национално знаме
Но, најголемата вистина не е во политичките канцеларии, туку во нашата колективна апатија, која веќе може слободно да се вее како официјално државно знаме. Станавме општество од сезнајковци и виртуелни експерти. На социјалните мрежи сме врвни епидемиолози, уставни судии, геополитички аналитичари и фискални стратези. Во реалноста не сме способни да избереме ниту домаќински политичари. Не сме способни ниту пак да си го собереме ѓубрето зад себе. Гласно урламе за владеење на правото, Бараме оставки за секој пропуст, додека истовремено ладнокрвно го паркираме автомобилот на пешачки премин, на зеленило или преку две обележани паркинг места, оти сме „само за две минути до аптека“.
Смарт контракти во свет на „печат и потпис на рака“
Овој парадокс боли уште повеќе кога ќе се погледнат светлите точки. Македонскиот интернет и независноста се практично генерациски врсници. Додека приватниот ИТ сектор, туркан од поединци со талент и визија, со години докажува дека може да парира на глобалниот пазар, државниот систем упорно одбива да излезе од минатиот век. Во ера на паметни договори и глобални дигитални екосистеми, ние сè уште печатиме обрасци во три примероци. Се уште чекаме со часови по загушливи шалтери и поднесуваме известувања за почеток на работа на рака, поткрепени со легендарниот „печат и потпис“.
Општествен Rug Pull: Кој навистина ги држи нашите приватни клучеви?
Иронијата на нашата независност најјасно се гледа токму низ призмата на Web3 и блокчејн филозофијата. Додека светот развива децентрализирани мрежи каде што довербата е запишана во код, а транспарентноста е неменлива, нашиот општествен „блокчејн“ е закочен на првиот генезис блок од 1991 година. Сакаме суверенитет, а функционираме како најлоша централизирана мрежа. Ранлива на секој малициозен напад, управувана од неколку компромитирани јазли (нодови) што се менуваат на секои четири години само за да го пренасочат профитот кон себе. Крипто светот не учи на најважната лекција: „не верувај, верификувај“ (don’t trust, verify) и „не се твои клучевите, не се твои парите“. Но, ние упорно со децении им ги предаваме приватните клучеви од сопствената иднина на истите оние што редовно нè ограбуваат (rug pull), чекајќи тие да нè направат слободни.
Време е да престанеме со евтините изговори. Политичарите не паднаа од Марс, ниту пак ни ги наметна некој однадвор — ние ги гласаме, ние ги толерираме и ние им ракоплескаме кога ни фрлаат трошки. Секој народ си ја заслужува власта што ја има, а нашата е само верна слика на нашето секојдневно однесување.
Вистинската независност не е датум во календарот, ниту црвен ќилим пред владина зграда. Таа е децентрализирана одговорност – почнува од секој од нас поединечно. Триесет и пет години се доволно време за созревање. Време е за консензус на ниво на целото општество каде правилата важат за сите еднакво и каде зборот „политичар“ конечно ќе престане да биде синоним за евтин измамник, туку функција на чест и вистинска служба кон заедницата.
НЕКА НИ Е ВЕЧНА ДРЖАВАТА !!!
⛔Disclaimer
Овој текст претставува авторска колумна и општествено-технолошки осврт. Изнесените ставови имаат за цел да поттикнат критичко размислување и дебата за дигиталната трансформација, личната одговорност и суверенитетот во современото општество. Содржината не претставува финансиски, политички или правен совет.