Деновиве во македонскиот медиумски простор агресивно се пласира спонзориран текст со наслов: „Рудар на биткоин (BTC) во Северна Македонија заработува 2.000 долари дневно преку рударење во облакот EiCrypto“. Приказната е класична мамка за наивни: „Марко од Битола“ преку ноќ станал богат, не правел ништо, само си кликал на телефонот.
Ние во cryptool.pro решивме детално да го истражиме овој проект. Нашата пресуда е јасна: EiCrypto Е КЛАСИЧНА ПОНЗИ (ПИРАМИДАЛНА) ШЕМА И ИЗМАМА.
Ако ги депонирате вашите тешко заработени пари таму, шансите да ги видите повторно се еднакви на нула.
Зошто EiCrypto е измама? (Доказите)
1. Математички невозможна заработка (Црвен аларм бр. 1)
Проектот нуди пакети како на пример: инвестирајте 100.000 долари и за 45 дена ќе имате 183.700 долари. Тоа е чист профит од 83% за месец и половина! Во реалниот свет на крипто-рударењето, каде што профитабилноста зависи од тежината на мрежата и цената на струјата, вакви загарантирани фиксни приноси НЕ ПОСТОЈАТ. Да имаа ваква технологија, самите сопственици ќе земеа милијарди од банки и немаше да бараат по 100 долари од луѓе по социјални мрежи.
2. Измислениот „Марко од Битола“
Приказната за Марко кој заработува 2.000 долари дневно е целосно измислена маркетинг приказна. Истиот овој текст, со истите зборови, се преведува на десетици јазици ширум светот, каде „Марко од Битола“ преку ноќ станува „Хуан од Шпанија“ или „Ахмед од Египет“. Тоа е евтин психолошки трик за да се стекне доверба на локално ниво.
3. Лажни тврдења за регулација од FCA
Во текстот бесрамно се тврди дека EiCrypto е основана во Велика Британија во 2019 година и дека е „регулирана од страна на Управата за финансиско однесување на Велика Британија (FCA)“. Ова е огромна лага. Доколку го проверите јавниот регистар на FCA, ќе видите дека оваа платформа нема никаква лиценца. Британскиот FCA има екстремно строги правила за крипто-компании, а EiCrypto користи лажен легален параван.
4. Прикривање на реалниот идентитет
Кои се луѓето зад EiCrypto? Каде се наоѓаат тие „162 професионални фарми за рударство“? Нема адреси, нема фотографии, нема живи луѓе, нема ништо. Сè што имаат е веб-страница, корисничка поддршка преку анонимен е-мејл и автоматизирана скрипта која ви покажува „лажни бројки“ дека парите ви се множат на нивната апликација, сè додека не се обидете да ги повлечете.
Како функционира измамата?
Како и секоја Понзи шема, на почетокот сè изгледа совршено. Првите неколку луѓе кои ќе уплатат мали суми (на пр. 100 долари) можеби и ќе успеат да повлечат некаков профит. Но, тој профит не доаѓа од „рударење со вештачка интелигенција“, туку од парите што ги уплатиле следните жртви.
Кога луѓето ќе се полакомат, ќе почнат да подигнуваат кредити и ќе уплатат илјадници евра, или кога ќе престане приливот на нови корисници, платформата едноставно ќе исчезне (Rug Pull), а веб-страницата ќе стане недостапна.
И после пак криптото ќе биде криво?
Секогаш кога ваква шема ќе пукне, насловите во медиумите се: „Македонци измамени преку Биткоин“ или „Криптовалутите се измама“.
НЕ, криптото не е криво. Биткоин е децентрализирана технологија. Овде не станува збор за крипто, туку за класична финансиска измама каде криптовалутите се користат само како средство за плаќање бидејќи трансакциите не можат да се стопираат или вратат назад од банка. Тоа е исто како некој да ве измами да му дадете денари во плико на рака за лажна инвестиција – дали тогаш денарот ќе биде крив?
Медиумите кои ги објавуваат овие текстови без никаков филтер или предупредување дека се работи за платен оглас со висок ризик, сносат огромна морална одговорност за финансискиот колапс на многу семејства кои ќе наседнат на ова.
Апел од cryptool.pro:
Не инвестирајте во EiCrypto! Споделете го овој текст за да ги заштитите вашите пријатели и роднини кои не се доволно технички потковани. Паметното инвестирање бара едукација и истражување, а не верување во бајки за „2.000 долари дневно од мобилен“.
Disclaimer: Информациите содржани во овој текст се од исклучиво едукативен и информативен карактер и претставуваат независна анализа на тимот на cryptool.pro. Овој текст не претставува финансиски, инвестициски или правен совет. Инвестирањето во криптовалути и придружни платформи е поврзано со висок степен на ризик. cryptool.pro не сноси одговорност за евентуални финансиски загуби настанати како резултат на одлуки донесени врз основа на информациите презентирани во оваа статија. Секогаш правете сопствено истражување (DYOR) пред да ги вложите вашите средства.